ССM: Има простор за раст на минималецот и платите во Македонија
Сојузот на синдикатите претстави протокол за социјален напредок. Од Синдикатот велат дека ќе обезбедат подобра социјална и материјална положба на работниците. ССМ бара да се отвори прашањето за зголемување на платата, бидејќи 60% од вработените земаат до 20 илјади денари.

Зголемување на минималецот, првична провокација за зголемување на платите во Македонија, скратување на тајмингот во догорите на определено од сегашните пет на три години. Синдикатот го отвори процесот, за процентот се преговара со работодавачите и власта. Анализите покажале речиси 60 насто од вработените месечно заработуваат до 20 илјади денари, само 3,2 проценти над 30 илјади, а 40 насто примаат плати од 12 до 15 илјади денари. Има простор минималната да се зголеми до 20 насто, оценува Сојузот на синдикатите.
„Со оглед на првичните анализи што ги направиме, има елементи да дојде до зголемување на платите. Во моментот не можеме да кажеме ништо конкретно, но очекуваме до 20 проценти да биде зголемена минималната плата за да дојде и до зголемување на другите плати. Оние кои работат на определно време добиваат за околу 30 проценти помала плата од оние кои се вработени на неопределено време, а да не зборувам за оние кои имаат приправнички стаж чии плати се и 50 проценти пониски од оние кои имаат редовен работен однос. Тоа доволно говори дека сигурноста на работните места мора да ја зајакнеме“, вели Живко Митревски, претседател на ССМ.
Во рамки на трипартитивниот дијалог минатата недела предлогот доби поддршка од социјалните партнери. Владата со став, процентуалното зголемување мора да биде дефинирано со консензус, работодавачите бараат дијалог и почитување на меѓународната конвеција за минимална плата.
Дебата и за проширување на правилникот за бенифициран стаж за работниците во градежништвото, текстилната индустрија, железницата. Со Предлог протоколот за социјален дијалог се бара решение и за проблемот со нееднаквост на платите, на исти работни места во различни индустриски сектори. Со законските измени ке бидат опфатени и вработените во технолошко индустриските зони.
„Поучени од фактот дека во индустриските зони скоро најголемиот број на вработувања, односно над 90 отсто се склучуваат на определено време, идејата е преку измени на законот да се утврди соодветна обврска најмалку 30 проценти од вкупниот број на вработени во ваквите зони да потпишуваат договори на неопределено време“, оцени Митревски.
Предлог протоколот за социјален напредок го мина филтерот на Економско- социјалниот совет. Ќе чека зелени светло од новата влада.
Сузана Фиданска- Стоевска
