СДСМ го предложи Талат Џафери за претседател на Собранието
Продолжи конститутивната собраниска седница. СДСМ со 20 потписи го предложи Талат Џафери за претседател на Законодавниот дом. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека спикерот треба да дојде од нивните редови, затоа што се победничка партија. Побараа отфрлање на платформата. Социјалдемократите ги обвинија дека со меѓусебни реплики ја одолговлекуваат собраниската расправа...

Пратеничката група на СДСМ денеска поднела барање до Собранието за избор на претседател на Парламентот со поддршка од дваесет пратеници, бидејќи како што изјави пратеникот Петре Шилегов на прес-конференција во законодавниот дом, дискусијата по точката за избор на претседател и членови на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е веќе беспредметна. Потврди дека нивен кандидат за претседател на Собранието е Талат Џафери од ДУИ.
Единствена улога на таа комисија беше на Собранието да му предложи кандидат за претседател на Собранието. Бидејќи е беспредметно нема потреба ниту да се одлучи ниту дискутира понатаму по оваа точка, појасни Шилегов.
Тој побара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како што наведе, да престанат да ја блокираат работата на Собранието со неделовничкото реплицирање на самите себе и да дозволат парламентарното мнозинство да избере претседател на Собранието.
ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе ги почитуваат Уставот, Деловникот и парламентарната пракса во насока на заштита на државните и националните интереси на Република Македонија. Нема да прифатиме партии коишто минатите години покажаа многу пати како се блокира Собрание, како се поднесуваат илјадници амандмани, како се блокираат над 150 закони, да држат часови и лекции за тоа како Собранието треба да работи, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Правото за дебата формално го црпиме од слободите и демократијата кои ги дозволуваат највисоките правни акти. Цениме дека Собранието на РМ како највисок државен орган има обврска отворено, јасно без криење и без молчење да дебатира за сите суптилни и значајни теми коишто се отворија по одржувањето на предвремените парламентарни избори и коишто навлегуваат во целосно редефинирање на концептот на функционирање на РМ како граѓанска и унитарна држава со мултиетничко општество, рече Димовски.
