Кремљ ја обвини опозицијата за провокации и непочитување на законите
Кремљ ја обвини опозицијата за провокација и непочитување на законот на антикорупциските протести во Москва. Европската унија и САД побараа итно ослободување на демонстрантите кои беа притворени.

Кремљ ја осуди руската опозиција за поттикнување насилство и непочитување на законот за време на антикорупциските протести во Москва, на кои беа приведен стотици демонстранти, вклучувајќи го и лидерот на опозицијата, Алексеј Навални. Протестите ги организираше поради, според него, незаконски стекнатото богатство на премиерот Медведев со барања за оставка. Доби парична казна до 350 американски долари. По второто обвинение за непочитување на полициските наредби доби 15 дена затвор.
„Среќен сум што учествувам во ова, народот излезе на улиците против корупцијата во градовите каде што немало протести со децении, смачено му е. Сите знаеме дека корупцијата значи сиромаштија и луѓето протестираат зашто сакаат да бидат побогати“, изјави Алексеј Навални, лидер на опозицијата.
За Кремљ, опозицијата се служи со провокации и лаги.
„Кремљ ја почитува граѓанската позиција на народот и неговото право на изразување на таа позиција. Но не може да ги почитуваме оние кои намерно ја заведуваат масата, предизвикувајќи незаконски дејствија“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Официјална Москва ги отфрли барањата од ЕУ и од САД за итно ослободување на притворените. Според Брисел и Вашингтон, со полициската акција е спречено остварувањето на основните слободи на изразување, здружување и мирен собир, што се права загарантирани во Уставот.
Навални почна антикорупциската кампања на блог преку кој ги напаѓа компаниите контролирани од државата. Во 2011 година водеше масовни протести и заврши зад решетки половина месец. За 2018 година најави кандидатура на претседателските избори, но бидејќи е обвинет за проневера, нема да му биде дозволено. Навални ги негира тврдењата кои, според него, се политички инсценирани. Според анкетите, се очекува Владимир Путин да го добие и четвртиот мандат како шеф на државата.
Маја Филдишев
