Достигнувањата на македонскиот Катастар претставени на конференција во Светска банка
Достигнувањата на македонската Агенција за катастар на недвижности беа претставени на 1.700 учесници на конференцијата за земјишна политика и администрација на Светска банка во Вашингтон. Тие ќе влезат во идниот извештај Дуинг бизнис на Светска банка.

Главна преокупација во следните три години ќе биде формирањето на адресниот регистар, масовната проценка на недвижностите и 3Д катастарот во Македонија, изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески на годинешната конференција на Светска банка во Вашингтон. Околу еден милион објекти во Македонија со масовната проценка ќе бидат регистрирани и ќе биде проценета нивната вредност.
„Во однос на масовната проценка на недвижностите овде во Светска банка во рамките на конференцијата остваривме добра соработка. Имавме можност да се состанеме со Ричард Гровер, тој е експерт од универзитетот Оксфорд од Лондон и важи за еден од најдобрите теоритичари за масовната проценка. Го искористивме неговото влијание и остваривме соработка со локалната самоуправа во Арлингтон во Вирџинија, каде можевме да видиме како колегите од американската администрација прават масовна проценка. Навистина бевме пријатно изненадени како колегите во рамки на една година прават ре-проценка на недвижностите во Америка. Арлингтон важи за најдобар за масовна проценка во САД“, изјави Трпески за МРТ.
Американските експерти ќе помагаат при масовната проценка на недвижностите во Македонија. За време на конференцијата на Светска банка, македонските претставници оствариле контакти со колеги од Британија, Холандија и Африка, коишто побарале совети за проекти што Македонија веќе ги има спроведено.
Кредитот за проект на македонскиот катастар од 2010-та година е прогласен за најдобро реализиран проект во Европа.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
