Потребна е современа терапија за болните од рак на дебело црево

28.03.2017 12:33

Болните од рак на дебелото црево сѐ уште се лекуваат со застарена терапија- оценуваат лекарите. Бараат воведување на нови генерации лекови. Сепак, и кај самите пациенти не постои таканаречена култура на лекарски преглед.

Годишно на околу 500 пациенти им се дијагностицира рак на дебелото црево, кај повеќето болеста се открива во напредна фаза. Лекарите апелираат да се оди на превентивни прегледи. Ако болеста се открие навреме и во раната фаза, лекувањето е до 90 проценти успешно.

„За жал пациентите кои ги оперираме се во многу висок стадиум, во стадиум 3 се 75 проценти од пациентите, тоа значи болест која ги зафатила и лимфните јазли, а тоа е ограничувачки фактор за имплементирање на некои нови техники на лекување“, изјави д-р Светозар Антовски, општи хирург, Клиника за дигестивна хирургија.  

„Министерството за здравтво набави тестови за скриено крварење кои се важно дијагностичко во онаа фаза од болеста кога може најмногу да му се помогне на пациентот. Секако дека она за што се бориме се скрининг програмите кои се недоволно застапени во нашата земја“, изјави проф. д-р Никола Јанкуловски, абдоменален хирург.

Болните од рак на дебело црево сѐ уште се лекуваат со застарена терапија- велат лекарите. Објаснуваат дека новите генерации лекови би им го продолжиле животот на пациентите. Надлежните се надеваат дека проблемот набрзо ќе се надмине.

„Имаме најава дека одредени типови на терапија за лекување на колоректален карцином ќе бидат достапни за пациентите, но не можам да ви кажам кога“, рече д-р Билјана Гроздановска, радиотерапевт- онколог, Клиника за онкологија и радиотерапија.

„Ние во четврток ќе имаме состанок со Фондот за здравствено осигурување, да видиме на кој начин можеме да ги надминеме овие ситуации, затоа што на крајот од денот и едните и другите се пациенти, не треба пациентите да трпат без оглед на нашата моментална состојба во државата“, вели Биба Додева, претседател на здружение за борба против рак.

Лекарите велат дека важно и обновувањето на апаратура.

„Самите апарати имаат лимитирано време на користење, по одреден број на пациети тие се амортизираат. Би било добро фрекфенцијата на обновување на оваа апаратура да биде по честа, со тоа времето на чекање на пациентите ќе биде пократко“, изјави д- Розалинда Попова- Јовановска, гастроентерохепатолог, продекан за науки на Медицински факултет.

Ризик- фактори што влијаат за појава на рак на дебелото црево се лошите животни навики, дебелината, пушењето и алкохолот. Лекарите советуваат да се води здрав начин на живот.   

 

Андријана Атанасовска