Зврлевски: Законот за следење комуникации треба да се промени
Jавниот обвинител, Марко Зврлевски порача дека Законот за следење комуникации треба да се промени. Иако според актуелниот главниот збор за одлуката кој ќе биде легално прислушуван го има јавниот обвинител, сепак, вели Зврлевски, МВР го врши целиот процес. Македонија, смета Зврлевски, двапати беше мета на скандал со прислушување што целосно го промени општествениот живот во земјава.

Според Законот, главниот збор за тоа кој ќе биде легално прислушуван, го има јавниот обвинител, но тоа за сега е само на хартија, вели првиот обвинител Марко Зврлевски. Според него системите за следење на комуникацијата и натаму остануваат единствено во рацете на Министерството за внатрешни работи. Затоа тој бара законски измени за следење на комуникациите.
„Сведоци сме на обелоденување на тешки злоупотреби на агенциите за разузнавање на овој вид опрема и нивно незаконско користење најчесто со политички цели“, посочи Зврлевски.
Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски рече дека посебните истражни мерки претставуваат ефикасен правен инструмент во борбата против организираниот криминал и корупција. При нивното дефинирање, смета Вангеловски, особено е битно да се води сметка за рамнотежа меѓу слободите и правата на граѓанинот и справувањето со криминалот.
На Меѓународната конференција за следење на комуникациите организирана од ОЈО присуствуваа обвинители од регионот, претседателот на Врховен, Јово Вангеловски и претседателот на Советот на обвинители, Петар Аневски.
Фиљана Кока
