Продолжение на конститутивната седница
Продолжи конститутивната собраниска седница. Во Собранието видовме голем број процедурални забелешки, реплики и контрареплики, дофрлање од место. Нови избори се решение за кризата, велат од ВМРО-ДПМНЕ, и бараат објавување на содржината на Тиранската платформа. ДУИ вели- таа е напишана во Скопје, од СДСМ оценуваат- се узурпира говорницата.

Тензично и со дофрлања од место, со реплики и процедурални забелешки на вториот ден од продолжението на конститутивната седница на собранието. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во расправата инсистираат политичарите јавно да проговорат за содржината на Тиранската платформа, но и да се дадат на увид измените во Законот за јазиците. Констатираат дека за средување на политичката состојба неопходни се предвремени парламентарни избори, бидејќи има постизборни платформи за кои граѓаните не гласале.
Од ДУИ одговараат дека декларацијата е напишана во Скопје, а во неа се содржани точки за европска Македонија и еднаквост на сите, без заговарање на федерализација и бинационалност.
Социјал- демократите со коалициските партнери пак велат ВМРО-ДПМНЕ ја узурпира говорницата, а претседавачот Вељаноски го кршел собранискиот Деловник.
За раправа на конститутивната седница пријавени се над 50 дискутанти. Треба да се изберат членовите на Комисијата за избори и именувања, а од неа да произлезе претседателот на собранието.
СДСМ објави дека нивен кандидат за собраниски спикер е Талат Џафери од ДУИ, БЕСА веќе се огради од Џафери и рече дека е против предлогот, а ВМРО-ДПМНЕ засега не открива дали и кого ќе кандидира за прв парламентарец.
Миле Ристески
