ВМРО-ДПМНЕ нуди патоказ за излез од кризата

28.03.2017 16:20

Пет прашања и тези од ВМРО-ДПМНЕ како патоказ за излез од политичката криза. Членот на Извршниот комитет, Антонио Милошоски вели дека треба да се создаде надпартиски договор за секое идно принципелно решавање на внатрешните разлики. Сугестијата е дијалогот да го водат избраните претставници во Собранието и тие да најдат заеднички именител за помирување и обединување.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека сите релевантни политички чинители треба да се усогласат дали важноста на досегашната пракса за коалицирање на победник со победник е фактор на дополнителна стабилност во државата дали како таква треба да опстои или да се отфрли. Ако се отфрли сега или во иднина, колку тоа би било во интерес на изедначување на гласот на секој пратеник, со сите логични последици од таков чекор, вели Антонио Милошоски.

„Ова е неопходен предуслов со цел одбегнеме двојни стандарди во домашната политика и менување на политичките традиции, обичаи зависно од изборните резултати. На долг рок усогласувањето околу овој принцип и неговото важење или отфрлање ќе донесе поголема предвидливост на политичката сцена“, изјави Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Дали се прифатливи странските агенди во внатрешно-политички цели или пак единствено тие кои што се претставени и верификувани од граѓаните на избори се актуелни, релевантни и продуктивни агенди  за државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Дали при конституирање на Собранието, позицијата Претседател логично би му припаднала на политичката коалиција или партија којашто победила на изборите или треба да биде предмет на надгласување.

„Во истиот контекст, кои би биле гаранциите дека оваа позиција Претседателот на Собранието на Република Македонија не би била злоупотребена за политички махинации со цел одложување на одредени закажани или превидени избори и игнорирање на волјата на мнозинството граѓани кои што имаат најголем број на изгласани пратеници во Собранието“, вели Милошоски.

Потребен е договор дали политичките чинители се за задржување на мултикултурниот модел во земјата или се поддржува двонационалниот и дали врвен приоритет останува стабилизирањето на земјата, институциите, економијата и евроинтеграциите или пак треба да се заменат со редефинирање на односите меѓу заедниците и државното устројство на Република Македонија, додаде Милошоски. Потребен е надпартиски договор за секое идно принципиелно решавање на внатрешните разлики, единствено во институциите на државата, без странски агенди или претставници, и единствено од легитимно избрани претставници на граѓаните,истакна Милошоски.

 

Милчо Велески