Лажна закана ја затвори Белата куќа

29.03.2017 10:26

Резиденцијата на американскиот претседател Доналд Трамп неколку часа беше целосно затворена поради закана од маж што тврдел дека има детонарот за нуклеарна бомба. Веднаш бил уапсен, а истрагата покажала дека заканата била лажна.

Лажна закана за нуклеарен напад ја затвори Белата куќа. 40-годишниот Жан Пол Гамара вчера наутро пристапил кон агентите на тајната служба кај Белата куќа и тврдел дека има пакет со детонатор на нуклеарна бомба. Тајните агенти коишто го обезбедуваат американскиот претседател Доналд Трамп веднаш го уапсиле, ги блокирале сите пристапи кон Белата куќа и спровеле истрага.

По истрагата се покажало дека заканата од страна на Гамара е лажна, по што околу пладне сите активности во Белата куќа продолжиле. Осомничениот којшто нема постојана адреса во Америка е обвинет за нелегален влез во Белата куќа.

Во изминатава недела три лица се обидоа нелегално да влезат во резиденцијата на американсиот претседател. Минатата недела една жена од Еверет во државата Вашингтон ја прескокна оградата и влезе во дворот на Белата куќа.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ