Официјално стартува процесот за Брегзит

29.03.2017 12:57

Лондон го активира Членот 50 од Лисабонскиот договор со што Обединетото Кралство официјално го стартува процесот за Брегзит. По неколкудецениски соживот, Брисел и Лондон се соочуваат со неизвесна иднина и нови предизвици.

Со активирање на членот 50 од Лисабонскиот договор, Обединетото Кралство го стартува процесот за излез од европското семејство, изгласан на ланскиот референдум за Брегзит.

Одлуката беше потпишана од премиерката Тереза Меј, а писмото ќе му биде предадено на претставникот на Велика Британија во ЕУ Тим Бероу. Меј порача дека целта е Британија да биде земја со привилегии за сите, потенцирајќи дека во преговорите ќе бидат застапени интересите на сите жители, вклучувајќи ги и државјаните од ЕУ кои живеат во Британија. Поранешниот лидер на десничарите кој лобираше најгласно за излез од блокот, најави дека ќе си замине од земјата ако Брегзит не успее. Според него, Брегзит беше неизбежен зашто Унијата нема да опстане уште долго.

„Вистинска катастрофа е мигрантската криза и непријатниот однос меѓу некои земји-членки на ЕУ. Катастрофа е што ЕУ нема да преживее“, изјави Најџел Фараж, поранешен лидер на УКИП.

Оптимист е и државниот секретар Хемонд кој гледа решение во балансот меѓу двете страни.

„Сите преговори се однесуваат на давање и на земање од двете страни за да го извлечеме најдоброто и за Британија и за партнерите од Унијата. Верувам дека со состаноците во изминативе девет месеци успеавме да постигнеме доволен степен на согласување за ова прашње“, вели Филип Хемонд, државен секретар на Британија.

Преговорите за Брегзит треба да почнат во мај или најдоцна до средината на јуни и се очекува да траат најмалку две години. Претходно, на 29-ти април ќе биде организиран Самит на земјите членки на ЕУ, без Британија, на кој ќе биде определен мандатот на Европската комисија за преговорите со Лондон.

Потоа во мај, врз основа на мандатот добиен од 27- те членки, Европската комисија ќе ги одреди основите за кои ќе се водат преговорите со Британците. Во меѓувреме, Брисел ќе треба да направи измени во европската  легислатива, а Лондон ќе треба да му врати околу 60 милијарди евра.

Разделбата ќе биде болна и за двете страни. По 44 години соживот, Брисел губи еден од најмоќните играчи и во Унијата и во светот, а Лондон зачекорува по неизвесна патека на која ќе се соочи со нови предизвици и поинаков систем на функционирање. Британија е втората економија во светот и нема да може да си дозволи изолација која би предизвикала загуба на пазар од 65 милиони луѓе. Но и по излезот, Обединетото Кралство ќе остане важен играч на глобалната политичка сцена.

 

Маја Филдишев