Обајвен тендер за реконструкција на Универзалната сала во Скопје
Според најавите, градбата почнува во почетокот на септември.

Објавен е тендерот за реконструкција на Универзалната сала во Скопје. Според најавите, градбата почнува во почетокот на септември.
Очекуваме градбата на Конгресниот центар да почне во септември оваа година и да заврши по неколку години. Со тоа, конечно, градот Скопје ќе добие нов конгресен центар кој ќе го задржи постојниот облик на полутопката, а ќе бидат дополнително доградени нови сали кои ќе ги збогатат можностите за одржување манифестации. По неколку години откога не е во функција, веќе се чувствува празнина и потребата за ваков простор за настани. Со својата историја и реноме зад себе Универзалната сала е многу значаен објект од културата во главниот град, рече градоначалникот на Скопје Коце Трајановски на прес-конференција.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска соопшти дека проектот предвидува целосно реконструирање на постојната, централна сала, која се простира на 4.000 квадратни метри и има 1400 седишта. Таа ќе добие нов ентериер, обновен влезен хол и фоаје, нова покривна купола и галериски простор, како и модерна сценска технологија и механика.
На дополнителни 4.000 квадрати сегашниот објект ќе го опкружуваат нови сали - ќе се догради повеќенаменска сала со 200 седишта, конгресна сала со 120 седишта, четири мултимедијални сали со капацитет од 30 до 40 седишта и шест простории за билатерални средби. Ќе се доградат и простории за администрација и други придружни простори, како и паркинг во две нивоа од околу 5.000 метри квадратни.
