Лондон го активира членот 50, стартува Брегзит
Британскиот амбасадор во ЕУ, Тим Бароу, во Брисел на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск му го врачи писмото за активирање на членот 50 од Лисабонскиот договор. Премиерката Тереза Меј го потпиша синоќа, со што официјално почна процесот на Брегзит.

Британскиот амбасадор во ЕУ Тим Бероу му го предаде писмото за активирање на процесот за Брегзит на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск. Премиерката Тереза Меј и потписничката на документот од шест страници, ги охрабри пратениците во Долниот дом за одлуката, потенцирајќи дека по Брегзит, Британија ќе биде земја со привилегија за сите.
„Ова е историски момент од кој нема враќање назад. Британија си заминува од ЕУ. Сега сами ќе носиме одлуки и закони, сами ќе ги контролираме работите кои ни се најважни нам. И ќе ја искористиме оваа шанса да изградиме посилна и поправична Британија којашто нашите деца и внуци со гордост ќе ја нарекуваат дом“, изјави Тереза Меј, премиерка на Обединетото Кралство.
Оптимист е и државниот секретар Хемонд кој гледа решение во балансот меѓу двете страни.
„Сите преговори се однесуваат на давање и на земање од двете страни за да го извлечеме најдоброто и за Британија и за партнерите од Унијата. Верувам дека со состаноците во изминативе девет месеци успеавме да постигнеме доволен степен на согласување за ова прашње“, вели Филип Хемонд, државен секретар на Британија.
Поранешниот лидер на десничарите кој лобираше најгласно за излез од блокот, најави дека ќе си замине од земјата ако Брегзит не успее. Според него, Брегзит беше неизбежен зашто Унијата нема да опстане уште долго.
„Вистинска катастрофа е мигрантската криза и непријатниот однос меѓу некои земји-членки на ЕУ. Катастрофа е што ЕУ нема да преживее“, изјави Најџел Фараж, поранешен лидер на УКИП.
Преговорите за Брегзит треба да почнат во мај или најдоцна до средината на јуни и се очекува да траат најмалку две години. Претходно, на 29 април ќе биде организиран Самит на земјите членки на ЕУ, без Британија, на кој ќе биде определен мандатот на Европската комисија за преговорите со Лондон. Потоа во мај, врз основа на мандатот добиен од 27- те членки, Европската комисија ќе ги одреди основите за кои ќе се водат преговорите со Британците. Во меѓувреме, Брисел ќе треба да направи измени во европската легислатива, а Лондон ќе треба да му врати околу 60 милијарди евра.
Разделбата ќе биде болна и за двете страни. По 44 години соживот, Брисел губи еден од најмоќните играчи и во унијата и во светот, а Лондон зачекорува по неизвесна патека на која ќе се соочи со нови предизвици и поинаков систем на функционирање. Британија е втората економија во светот и нема да може да си дозволи изолација која би предизвикала загуба на пазар од 65 милиони луѓе. Но и по излезот, Обединетото Кралство ќе остане важен играч на глобалната политичка сцена.
Маја Филдишев
