Расте бројот на туристи во Македонија

29.03.2017 15:32

Раст на бројот на туристи во Македонија за 20 проценти, доколку нема проблеми поради политичката состоба и мигрантската криза, очекува Туристичко- угостителската комора. Главен адут на Македонија пред странските туристи се прифатливите цени.

Ако лани земјава ја посетиле над 856 илјади туристи, годинава се очекува оваа бројка да надмине милион, велат од Туристичко- угостителската комора. Оттаму објаснуваат дека дел од неопределените, европски и руски туристи се очекуваат да пристигнаат во Македонија. Се проектира раст од 20 проценти.

За подобра промоција, од Комората предлагаат формирање на регионални туристички организации, во кои градоначалниците ќе ги субвенционираат или ќе им дадат поттик на локалните хотелиери да инвестираат и да ја збогатат туристичката понуда.

Според Керим, главен адут на Македонија пред странските туристи, е што се презентира како ол инклузив држава, бидејќи е примамлива со ниските цени. Но, паралелно со заложбите за носење странски гости, треба да се работи и на подобрување на услугата. За година до две се очекуваат туристи и од арапските држави.

Од туристичката комора апелираат да се реши проблемот, да се спроведуваат поголеми контроли и да се сузбие нелојалната конкуренција, особено со човек- фирмите.

 

Дијана Ценевска