Се бара донесување на Закон за зелени пазари
Комората на трговци на зелените пазари бара од државата донесување на Законот за зелените пазари за да можат да го регистрираат работењето. Изградба на покриени објекти, со што би се подобриле условите за работење, како и надминување на проблемот со дивите препродавачи кои работат надвор од пазарите.

Трговците на зелените пазари бараат по седум години чекање да почне реализацијата на проектот за изградба на покриен објект на „Бит пазар“ со што драстично би се подобриле условите за работа. Сегашната пазарна инфраструктура не ги исполнува ниту минималните законски услови за работа, велат од Комората на трговци од зелените пазари. Бараат државата да го реализира договореното од 2008-ма и да го донесе законот за зелени пазари за да ја регистрираат дејноста и да плаќаат даноци и придонеси.
„Ова законско решение да се донесе затоа што луѓето работат на пазарите без какво било осигурување, без стаж, без елементи што е должна државата да ги овезбеди на тие луѓе кои работат таму. Од 2008-ма до сега имаме 10 драфт верзии на законот и ниту една не е земена во предвид, а уште помалку да биде преточена во законска форма“, вели Екрем Долек, претседател на Комората на трговци на зелени пазари.
Освен проблемот со условите за работа и легализацијата на дејноста пазарџиите се соочуваат и со нелојалната конкуренција на дивите продавачи. Тие работат надвор од пазарите и го намалуваат нивниот промет. Не плаќаат давачки ниту кон државата, ниту пак кон организаторите на пазарите.
„Се работи за дивите продавачи кои работат и функционираат на територија на цела држава. Значи Македонија ја претворија во диво пазариште. Според нашите статистики легални, регистрирани пазарџии има околу 25 илјади. За жал можеби имаме околу 50 илјади диви пазарџии“, додава Долек.
Од Комората на трговци на зелените пазари апелираат до политичарите за надминување на актуелната политичка состојба која предизвика драстично намалување на прометот на пазарите, со што според нив е доведена во прашање нивната дејност и егзистенцијата на повеќе од 25 илјади семејства во земјава.
Свето Николовски
