ЕУ- Велика Британија: Ви благодариме и довидување

29.03.2017 16:08

„Веќе ни недостигате. Ви благодариме и довидување“- ова е пораката од претседателот на Европскиот совет до Лондон. Доналд Туск рече дека унијата не е среќна поради излегувањето на Велика Британија од блокот.

Денеска официјално започна процесот на излегување на Велика Британија од Европската унија. Постојаниот претставник на Велика Британија, Тим Бероу, му го предаде писменото барање потпишано од британската премиерка Тереза Меј на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск во Брисел, кој на прес- конференцијата видно вознемирен, не го криеше личното разочарување од Брегзит.

Еве го. Шест страници. Известувањето на британската премиерка Треза Меј за активирање на членот 50, со кој и официјално започнаа преговорите за излегувањјето на Велика Британија од Европската Унија. Нема причина да се преправаме дека ова е среќен ден, ниту за Брисел ниту за Лондон“, рече Туск.

Според Туск парадоксално е што сепак има нешто позитивно во Брегзит. Брегзит предизвика, нашата заедница од 27 членки да биде поодлучна и пообединита од порано- истакна претседателот на Европскиот совет. Тој додаде дека врвен приоритет е заштитата на интересите на 27 земји- членки на Унијата, и намалување на неизвесност која следи.

Суштината е во контролата на штетните последици. Нашата цел е јасна. Да се минимализира цената која ќе ја платат европските граѓани, економијата и државите- членки. Тоа што треба да го потенцираме денес е дека отсега па натаму нема ништо да се промени. Сѐ до моментот додека Велика Британија не ја напушти Европската унија, законите на ЕУ ќе важат и за Велика Британија“, нагласи Туск.

Претседателот на Европскиот совет во петок ќе достави предлог до земјите- членки со упатства за преговорите, кои треба да бидат усвоени на Самитот на Европскиот совет на 29-ти април.

Иако Велика Британија беше во ЕУ повеќе од четири децении, таа никогш не беше дел ниту од Шенген ниту од Еврозоната.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан допиник од Брисел за МРТ