Главниот хорнист од Берлинската филхармонија, Штефан Дор во Скопје
Диригент на концертот е Борјан Цанев, а оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе и комплексните дела - симфониската поема „Остров на мртвите“ од Сергеј Рахмањинов и фрагменти од балетот „Спартак“ од Арам Хачатуријан.

Македонската филхармонија денеска во Домот на АРМ ќе одржи симфониски концерт „Моцартовата хорна“, на кој како солист ќе настапи првиот хорнист од престижната Берлинска филхармонија Штефан Дор од Германија. Еден од најбараните хорнисти во Европа и во светот, за македонската публика ќе изведе два Концерти за хорна и оркестар бр. 1 и бр. 4 од Моцарт.
Диригент на концертот е Борјан Цанев, а оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе и комплексните дела - симфониската поема „Остров на мртвите“ од Сергеј Рахмањинов и фрагменти од балетот „Спартак“ од Арам Хачатуријан.
Германецот Штефан Дор (1965) во моментов е главен хорнист во престижната Берлинска филхармонија и еден од најбараните хорнисти во Европа како солист. Дор е постојано ангажиран да одржува мастер часови, а предава хорна на Академијата „Херберт фон Карајан“. Првите часови по музика ги почнал со свирење на виола, но откако го слушнал на концерт познатиот хорнист Херман Бауман, одлучил дека хорната ќе биде негов главен инструмент. По студиите во Есен и во Келн, тој станал главен хорнист во Операта во Франкфурт, а потоа на истата позиција е ангажиран во Фестивалскиот оркестар на Бајрот, во Филхармонијата на Ница и во Германскиот симфониски оркестар во Берлин. Во Берлинската филхармонија е од 1993 година.
