Скопскиот регион најбогат, во североисточниот најмалку се инвестира

30.03.2017 15:41

Скопскиот е најбогат, во североисточниот најмалку се инвестира. Статистиката покажува големи разлики во развиеноста на регионите во земјава. Истражувачите на оваа проблематика предлагаат да се формира Фонд за рамномерен развој, апелираат да не се кратат парите од буџетот за оваа намена.

Истражувањата за ефектите од политиките на рамномерен регионален развој покажуваат дека и натаму Скопскиот регион во кој живее 1/3 од жителите во државата креира дури 43% од БДП на земјава, додека само уште два региона имаат БДП по жител поголем од просекот. Истовремено Скопскиот регион има 37-38% од вкупниот број активни фирми во земјава, додека во Североисточниот најмалку се инвестира. Ако се почитува законот, тоа значи 1 насто од БДП треба да се насочи за рамномерен регионален развој, што според Алијансата за регионален развој изнесува 100 милиони евра. 70% од оваа сума треба да биде за регионален развој, 10% за развој на селата, додека 20% за специфични подрачја.

„Нашите препораки се да се направи Фонд за регионален развој, значи да не се чека ребалансот на буџетот за да се види дали Владата ќе се реши да ги скрати токму тие пари, туку преку тој Фонд за регионален развој, тој еден процент, а јас би сугерирал да бидат 2-3% од БДП, веднаш да ги достават тие пари до тој фонд кој ќе има слобода, односно должност да ги распоредува според договорената методологија. 17-20% за најнеразвиениот регион, 15% за вториот, 14% за третиот“, изјави Слаѓан Пенев, координатор на проектот „Алијанса за регионален развој“.

Анализите покажале дека процентот што се насочувал за рамномерен регионален развој во последните десеттина години никогаш реално не надминал 0,3%, иако бил планиран 1% од БДП, вели Пенев. Извештаите на Владата оперираат со податок дека биле планирани средства меѓу 1 и 3,25% од БДП, но тие не биле потврдени со завршните сметки на буџетот.

Дополнителен проблем е што е потребна подобра координација меѓу одделните министерства кои реализираат програми за регионален развој според свое наоѓање и не се придржуваат до методологијата, која предвидува најголем процент од средствата да бидат насочени токму во најнеразвиениот Североисточен регион.

 

Свето Николовски