Тилерсон во Брисел на прв состанок во НАТО

31.03.2017 12:48

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон пристигна во Брисел за да учествува на првиот состанок на ниво на министрите за надворешни работи на членките на НАТО. Теористите, односот со Русија и финансирањето на одбраната се главни теми на презакажаната средба во белгиската престолнина.

Министрите за надворешни работи на НАТО го одржуваат првиот состанок со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон. Меѓу главните теми на дискусија ќе биде борбата против тероризмот, трошоците за одбраната и односот со Русија.

„Имаме три важни области за разговор. Прво, да се осигураме дека НАТО ги има потребните ресурси, вклучувајќи ги и финансиските, за остварување на својата мисија. Второ, ќе дискутираме за начинот на кој можеме да ги надградиме борбата против Исламска држава, другите антитерористички акции и мировниот процес на Блискиот Исток. Трето, сакаме дискусија за позицијата на НАТО во Европа, особено во Источна Европа, како одговор на руската агресија во Украина“, изјави државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон.

Состанокот беше првично закажан во почетокот на април, па поради тоа министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство мораше да ја одложи посетата на Москва.

„Дојдовме на важен настан, првиот состанок со Рекс Тилерсон. НАТО е најуспешната воена алијанса во историјата бидејќи постојано успева да се приспособува. Сега се соочуваме со нови предизвици од Русија која се враќа на сцената, правејќи бељи на Западен Балкан и на други места“, изјави министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.

Наредниот состанок на лидерите на земјите-членки на НАТО е закажан на 25 мај во Белгиската престолнина.

 

Маја Филдишев