Само еден работник задржан на лекување во тетовската болница
Изминатата ноќ во тетовската болница се примени 183 лица со симптоми на труење, вработени во фабриката „Леар“, од кои само еден пациент е сѐ уште на лекување. Формирано е координативно тело. Точната причина за труењето ќе се знае за 48 часа...

Во Клиничката болница во Тетово изминатата ноќ се примени 183 лица со симптоми на труење вработени во фабриката „Леар“ од кои само еден пациент е сѐ уште на лекување. Останатите по укажаната лекарска помош, се пуштени на домашно лекување.
„Во нашата институција изминатата ноќ побарале медицинска помош 183 лица од кои 127 се регистрирани со име и презиме, додека останатите поради итноста на постапката, не се точно регистрирани. Меѓутоа она што е најважно е дека во моментов од сите овие случаи само еден пациент е сѐ уште на лекување, додека останатите по добиената лекарска помош и пропишаната терапија, се пуштени на домашно лекување“, изјави директорот на Клиничката болница во Тетово, Флорим Бесими.
Формирано е координативно тело од сите медицински установи во градот, односно Клиничката болница, Здравствениот дом, Центарот за јавно здравје и Санитарната инспекција и започнати се процедурите за утврдување на причините што довеле до труење на вработените. Точната причина за труењето ќе се знае за 48 часа.
