Ден на правосудството: Независното судство е гарант за демократија
Неопходно е судската фела да се консултира за носење закони и нивните забелешки да се прифаќаат од Собранието, смета претседателот на Врховниот Суд, Јово Вангеловски. На одбележувањето на Денот на правосудството, нагласи дека независноста и самостојноста на судската власт во земјава е обезбедена преку повеќе уставни средства, а се штити и со многубројни меѓународни документи.

Уставот и законите се најмоќните алатки во рацете на секој судија за да им се спротивстави на влијанијата и притисоците, најчесто од извршната и законодавната власт, тврди претседателот на Врховен Суд, Јово Вангеловски. Обраќајќи се на одбележувањето на Денот на судството во земјава го повтори ставот дека се потребни низа измени на законите донесени по кратки постапки во Собранието кои сега произведуваат проблеми при одлучувањето на судовите. Иако не лоцира виновник за состојбите во судството, сепак, вели, се можело да биде подобро и да не се дозволи да го добиеме извештајот на Прибе.
Состојбите со владеењето на правото и независноста на судството се во фокусот и на меѓународната заедница. Британскиот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет, порача дека донесувањето на одлуките се одразува на судбината на граѓаните, но и на институциите и нивното функционирање.
Зад камерите Вангеловски посочи дека со барањето за негово изземање од одлучувањето по барањето за заштита на законитоста за притворот на, Сеад Кочан, СЈО си дало автогол. Тој сега ќе побара да се разгледа негово изземање во сите предмети каде досега носел одлуки кои се однесуваат на одлуките на СЈО.
Според Вангеловски, пак, во однос на барањето, не може законот за СЈО да го дерогира законот за кривична постапка кој е системски и право да побара заштита има само Јавниот обвинител.
Фиљана Кока
