Околу 200 вработени во „Леар“ затруени со храна
Масовно труење во Тетово. Работниците од третата смена во фабриката „Леар“ кои по вечерата се пожалиле на стомачни тегоби и повраќање завршија во болница. Со сопствени возила и Брза помош биле транспортирани во медицински установи, а по дадената терапија се пуштени дома. Случајот го истражува Јавното обвинителство. Од компанијата соопштија дека сѐ додека не се реши случајот, фабриката ќе биде затворена.

Масовно труење во тетовската фабрика „Леар“. Сите работниците од третата смена по оброкот од макарони со сос од мелено месо, се пожалиле на дијареа и стомачни тегоби. По пријавата, интервенирале тимови на брзата помош. 200 работници имале симптоми на труење. На 30-тина лекарска помош им е дадена во фабриката, а останатите биле транспортирани во Клиничкиот центар.
„Ги чекаме резултатите. 127 се регистрирани, а 183 побарале здравствена заштита кај нас. Сите се пријавени со исти симптоми со стомачни тегоби и повраќање. За каков вид на труење се работи останува да испитаат другите органи“, вели д-р Флорин Бесими, директор на Клиничката болница во Тетово.
Иако ситуацијата изгледала драматично, надлежните велат, од медицински аспект не била алармантна.
„Нашите тимови биле подготвени, опремени со терапија, тимовите беа засилени беа повикани и други лекари, немаше проблем во делот на кадар. Ситуацијата изгледаше драматично зошто стануваше збор за многу луѓе што не се случува често, тоа се ретки случаи и делуваат драматично“, изјави д-р Газим Нуредини, раководител на Брза помош во Тетово.
Од фабриката „Леар“ преку соопштение информираа дека таа ќе биде затворена сѐ додека не се разреши случајот со работниците кои во текот на ноќта имале симптоми на труење.
„За компанијата „Леар“ ништо не е поважно од здравјето и од благосостојбата на вработените. Ние имаме одлични услови за здравје и безбедност во нашите фабрики. Внимателно ги следиме инструкциите на локалните здравствени власти за да го истражиме овој изолиран инцидент. Фабриката ќе биде затворена сѐ додека не се разреши случајот и додека не се осигуриме дека нема да се повтори“- пишува во соопштението на тетовската фабрика „Леар“.
Во фабриката увид извршија екипи од Основното јавно обвинителство од Тетово и од полицијата. На терен беа и надлежните инспекциски служби.
Тимови од државниот санитарен и здравствен инспекторат, од Центарот за јавно здравје и од Агенцијата за храна и ветеринарство се на терен испитуваат од што настанало труењето кај работниците. Првичните резултати ќе се знаат за 48 часа.
Андријана Атанасовска
