Грчки медиуми за самитот на ЕПП: Орбан порача дека Груевски и Македонија се фактори на стабилност

31.03.2017 16:26

Грчките медиуми денеска ја пренесуваат изјавата на унгарскиот премиер, Виктор Орбан во која тој ги критикуваше европските држави дека не можат да си ги контролираат границите и оти Македонија претставува фактор на регионалната стабилност.

Јавно искажаната поддршка на унгарскиот премиер Виктор Орбан за Македонија и ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски во рамките на самитот на Европските народни партии во Малта, не остана не забележана ниту во грчките медиуми. Во извештај на грчката државна новинска агенција АНА-МПА се информира дека зборувајќи за мигрантската криза, унгарскиот премиер Орбан отворено ги критикуваше европските држави кои што не можат да си ги контролираат границите, нагласувајќи при тоа дека токму Македонија и ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски, претставуваат фактор на регионалната стабилност.

На самитот германската канцеларка Ангела Меркел во своето излагање призна дека европскиот одговор на бегалската криза првично беше кратковид и неефикасен, истовремено истакнувајќи ја важноста од почитувањето на договорот со ЕУ од страна на Турција во однос на третманот на бегалците. Спротивна на излагањето на Меркел беше изјавата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој што имплицитно ги критикуваше европските држави кои што како што рече, не можат да ги контролираат своите граници, нарекувајќи ги при тоа пј Р. Македонија и Никола Груевски фактори на стабилност, се вели во извештајот на АНА-МПА.

Унгарскиот премиер изјави дека поради стабилноста на Балканот, во Македонија се потребни нови избори.

Дел од грчките медиуми го пренесуваат и последното интервју на албанскиот премиер Еди Рама за швајцарски весник, во кое што тој порачува дека состојбата во Македонија можела лесно да излезе од контрола и дека тие барале почитување на правата на Албанското малцинство, а неприфаќањето на Албанскиот како официјален јазик на земјата, за него било „незамисливо“.

 

Марија Котовска- постојан дописник од Атина за МРТ