На 21-ви мај ќе биде отворена новата концертна сала на Филхармонијата

31.03.2017 16:37

Со концерт на светски познатиот пијанист Симон Трпчевски и Македонската филхармонија, на 21-ви мај ќе биде отворена новата концертна сала на Филхармонијата. Ќе има нови музичко-сценски содржини, студио за режија и нови инструменти. Ова ќе биде историски ден за филхармонијата, велат музичарите.

Новиот објект на Македонската филхармонија со модерен изглед и архитектонски и акустични карактеристики по сите светски стандарди ќе биде отворен на 21 мај. Овој свечен чин ќе биде одбележан со ексклузивен концерт на Македонската филхармонија, со која како солист ќе настапи нашиот светски етаблиран пијанист Симон Трпчески под диригентско водство на еден од најпрестижните и најбараните диригенти на сите времиња, маестро Владимир Ашкенази.

Ова денеска на прес-конференција пред објектот го истакна министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, која рече дека во рамки на програмата ќе биде изведено дело на еден од основоположниците на македонската музичка култура, еден од основачите на Македонската филхармонија, Трајко Прокопиев, како и дела на руските композитори Сергеј Прокофјев и Петар Илич Чајковски. Нема никакво сомневање, посочи министерката, дека не очекува концерт за паметење, кој ќе остане запишан во историјата на македонската култура.

Во месец мај, по цели 73 години од своето постоење, Македонската филхармонија, најстарата институција од областа на музичко-сценската дејност во Република Македонија, конечно ќе добие свој дом. Македонската филхармонија ќе добие нова концертна сала на чиј што подиум ќе се испишува македонската музичка историја, ќе се презентираат креативните и творечките потенцијали на нашите уметници, музичари, композитори, диригенти, на странските ансамбли и гости, потенцира Канческа - Милевска.

Според неа, станува збор за проект кој ќе има навистина големи придобивки за нашите уметници и за развојот на македонската култура.