Вучиќ убедливо победи на претседателските избори со 55% од гласовите

03.04.2017 12:08

Неединството на опозијата, која со повеќе кандидати се обиде да ја подигне излезеноста и да му се спротивстави на Вучиќ-не успеа. Втор круг нема да се одржи.

Александар Вучиќ е апсолутен победник на изборите во Србија и тој е новиот српски предсетал. Според РИК, Вучиќ со 55,13% од гласовите надмоќно, уште во првиот круг ја доби довербата на српските гласачи. Неединството на опозијата, која со повеќе кандидати се обиде да ја подигне излезеноста и да му се спротивстави на Вучиќ-не успеа. Втор круг нема да се одржи. Саша Јанковиќ освои 16% од гласовите, изненадувањето Љубиша Прелетечавиќ- Бели има 9,4%, Вук Јеремиќ освои 5,6% од гласовите, а Шешењ само 4%.

Слабата излезеност од 54% на запишани гласачи излезе добитна за Вучиќ со 55% од гласовите, а погубна за целата опозиција која вкупно освои околу 30% од гласовите.

Само два часа по затварањето на гласањето самиот Вучиќ прогласи победа чиста како солза-како што изјави, со освоени 2 милиони гласови или 12% повеќе гласови од сите кандидати заедно.

„Се виде дека мнозинството граѓани на Србија се за продолжување на реформите, за продолжување на европскиот пат и за традиционалното пријателството со Русија и Кина. Посебно сум среќен што победив со толку голем број гласови во првиот круг иако знам колку тешко живеат граѓаните“, изјави Вучиќ

Гласањето според набљудувачите се одвиваше без поголеми проблеми, иако опозицијата обвинува за бројни неправилности и за медиумска блокада. И додека првите честитки дојдоа од Брисел и од Виена, ниеден од противкандидатите не ја честиташе победата на Вучиќ.

Со овие избори Александар Вучиќ ја потврди апсолутната власт во Србија. Тој на 31 мај официјално ќе стане новиот српски претседател, што значи дека Србија за два месеца-во јуни ќе има нов мадатар и нова Влада.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ