Заканите за радикализација на ИСИС преку кибер- просторот се реални
Реални се заканите со активностите на ИСИС за радикализација преку кибер- просторот во регионот. Глобалните трендови на употребата на технологиите од страна на ИСИС се присутни и кај нас и во Југоисточна Европа. На оваа тема и начинот на кој треба да се одговори на предизвиците по безбедноста дискутираат експерти од петнаесет држави на меѓународната конференција во Охрид.

Со активностите на ИСИС за радикализација преку кибер-просторот реални се заканите по безбедноста во земјата и регионот. Глобалните трендови на употребата на технологиите од страна на терористички организации се присутни поради што државите треба заеднички да се справуваат со растечките закани. На тој начин ќе се намали и радикализацијата на младите луѓе што се регрутираат од ИСИС.
„Македонија е безбедна, ние како институција ја следиме безбедносната ситуација во регионот и пошироко. Ги следиме настаните во Сирија, меѓутоа и можностите за нов мигрантски бран, така што развиваме соодветни стратегии како да се однесуваме доколку нешто се случи“, изјави Зоран Јолевски, министер за одбрана.
Учесниците на напредната НАТО работилница дискутираат на повеќе теми поврзани со безбедноста, со цел да се зајакнат капацитетите на регионот за справување со кризи, пред се со бегалските.
„Не би сакал по ова прашање да навлегувам во детали и да говорам за актуелната ситуација, изнесувајќи информации за тоа колку навистина постои закана од нов бран бегалци, но следејќи ги изјавите на турскиот претседател Ердоган за отворање на границите за бегалците, тоа секако бара поактивен ангажман во насока на зајакнување на капацитетите на интегрираните регионални безбедносни структури“, вели Златогор Минчев, Бугарска академија на науките.
На конференцијата во Охрид учествуваат претставници на безбедносните структури од 15 држави од регионот, како и од САД, Турција, Италија и Израел.
Сашо Нелоски
