Се одложи рочиштето за случајот „Поткуп“, одбраната не добила докази
Одбраната вели дека не им биле достапни методите на употреба на посебните истражни мерки. Поради ова, новото рочиште е закажано за 4-ти мај.

Продолжение на случајот „Поткуп“. Одбраната вели дека не им биле достапни методите на употреба на посебните истражни мерки. Поради ова, новото рочиште е закажано за 4-ти мај.
„Не можеме да добиеме препис од наредбите за да можеме да ја видиме законитоста на начините на постапката на обезбедување на посебните истражни мерки. Во другите случаеви, на пример во „Пуч“ тоа ни беше овозможено. Тоа е право на одбраната да има свој увид. Во овој случај тоа не е овозможено. Ние искрено се сомневаме во незаконитоста на постапката, на обезбедувањето на посебните истражни мерки“, изјави Зоран Заев.
Лидерот на СДСМ во случајот „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на општина Струмица му побарал поткуп на бизнисменот Иван Николов од 163.924 евра, односно по две евра за еден квадратен метар градежно земјиште во Струмица, кое Николов бил заинтересиран да го приватизира.
