Компаниите за заштита при работа бараат слободниот пазар да ги одредува цените

03.04.2017 15:09

Групацијата за безбедност и здравје при работа бара менување на правилникот со кој се регулираат цените за нивните услуги. Со тоа според нив ќе се елиминираат сите негативности на постојната регулатива, со која освен фиксната цена при јавните тендери не се земаат во предвид квалитетот на услугата и референците на компаниите.

Доколку сакаме да овозможиме давање квалитетни услуги и поадекватни услови за побезбедна работа на вработените ќе мора да се овозможи вистинска конкуренција во секторот за безбедност и здравје при работа. 45-те компании од оваа дејност бараат менување на постоечкиот правилник со кој се регулираат цените на услугите.

„Да ни се даде слободен пазар, да се избориме самите за местото и со клиентите да ги формираме цените. А клиентите се тие што можат да земат и 15 понуди и да одберат со кого сакаат да работат. Во начин на квалитет, начин на изведба, референтни листи од работењето во Македонија итн“, изјави Сашко Стојмановски, Групација за заштита и за безбедност при работа.

„Со правилникот сите ние сме ставени под ист чадор. Работел, не работел толку пари. Бил добар или лош толку пари. Ја извршил услугата или само дал документ исто пари. Тоа е исто како вие сега известувате од прес конференција од настанот а не сте присутни тука, или самно од некого ќе преземете и ќе добиете иста плата како и тој што бил на прес конференцијата“, вели Борче Стојчевски, Групација за заштита и за безбедност при работа.

Посебен проблем се јавните набавки на кои освен приватните фирми се јавуваат и државни институции кои се финансираат преку буџет. Тие немаат исти трошоци како и приватните компании, велат од Групацијата. Се опремуваат со најсовремена опрема преку буџетот и можат да одат и со пониски цени на наддавањето на тендерите. Цените се фиксни без разлика на квалитетот што се нуди, особено при јавните набавки со негативно наддавање.

„Сите сме принудени да дадеме иста цена што е вака малку карикирано каква е таа јавна набавка, мора сите, го имаме ценовникот и мора да учествуваме со давање исти цени. Кога сите ги знаеме цените, а мора да ги понудиме услугите каква е таа јавна набавка. И какво е тоа негативно наддавање кога никој не смее да спушти. Учествуваме сите, а пред електронската аукција има и бодирање. Значи дава многу простор за одредени манипулации“, изјави Коста Костов, Групација за заштита и за безбедност при работа.

Особено при пресметките на цените кои во правилникот се дадени во евра, а треба да се пресмета по среден курс и да се заокружи на некоја децимала, која честопати на крајот се јавува како одлучувачки фактор кој да го добие тендерот, појаснува Костов.

 

Свето Николовски