Заев: Парламентарното мнозинство ќе преземе чекори за да ја стопира блокадата на ВМРО-ДПМНЕ

03.04.2017 15:46

Мнозинството во парламентот ќе преземе чекори за да ја стопира блокадата на ВМРО-ДПМНЕ, вели лидерот на СДСМ, Заев. Во Манифестот гледа само куп изговори за да се одолговлечи изборот на претседател на Собранието. Потребен е дијалог меѓу власта и опозицијата за прашања од национален и државен интерес. Решенијата секогаш да се бараат во рамки на институциите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Парламентарното мнозинство нема да дозволи расправата во Собранието да се развлекува до бескрај. Дебатата што се води во Законодавниот дом со денови е терор на малцинството во Собранието врз декларираното мнозинство, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Според него, со куп изговори се развлекува процесот, кој мора да продолжи за да се заврши примопредавањето на власта.

„Треба да знае малцинството, а пред сѐ претседавачот на Собранието дека оформеното парламентарно мнозинство има право и обврска да ја преземе контролата врз Парламентот преку бирање на претседател од своите редови и со тоа да ја преземе одговорноста за водењето на законодавниот дом. Парламентарното мнозинство нема да дозволи ова да се развлекува до бескрај, ќе си ги исполни своите уставни права и обврски“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Коментирајќи го манифестот за единствена Република Македонија, предложен од ВМРО-ДПМНЕ, Заев рече дека се измислуваат претпоставени непостоечки закани врз Македонија, дека секој момент нас некој ќе не нападне или нешто ќе ни одземе. На Македонија не и требаат туѓи платформи и мешетарења, туку обединување околу државните и националните интереси, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ молчи и со тоа директно ги одобрува антидржавните и антинационални политики што и се наметнуваат на Република Македонија, изјави Влатко Ѓорчев. Манифестот предвидува и воспоставување редовен дијалог меѓу власта и опозицијата за прашања од национален и државен интерес.

„Дијалогот да се одвива и решенијата кои што се изнаоѓаат секогаш да се изнаоѓаат во рамки на институциите на Република Македонија, во дијалог помеѓу македонските претставници од страна на претставници кои што се директно избрани од граѓаните на Република Македонија. Зарем ваков дијалог не е потребен за СДСМ, и зарем ваков дијалог сметаат дека е излишен? Истото ова е најефикасна заштита од надворешни влијанија или реализација на туѓи агенди кои што не потекнуваат од заедничкиот интерес на македонскиот граѓанин кој што не гласал за тие платформи ниту им дал легимитет“, изјави Влатко Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Со прифаќањето на Манифестот, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, Република Македонија ќе покаже дека е земја со исправена кичма и дека е заштитник на сите нејзини граѓани.

Милчо Велески