Стафилокока- причинител за труењето на работниците во „Леар“
Стафилокока е причинител за труењето на речиси 200 работници од третата смена во тетовската фабрика „Леар“. Агенцијата за храна и ветеринарство со официјални податоци за причинителот за труењето. Бактеријата била изолирана од дланките на вработен во кујната каде што се приготвувале оброците. Извештаите од инспекцискиот надзор се кај дадлежен обвинител.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги објави резултатите. Бактеријата стафилокока – е причината за затруените работници. Од земените примероци оваа бактерија ја имало во макароните кои им биле послужени на работниците, ја имало на работните површини во кујната, а забележана е и кај куварот и лицето кое ја послужувало храната.
„Тој објект веднаш беше затворен и се наложија неколу мерки, пред сѐ поради тоа што немаа здравствени прегледи вработените, а тоа е евидентно од резултатите немаат валидни здравствени книшки затоа веднаш беа упатени на санитарни прегледи за да можат да се прегледаат и да им се наложат мерки доколку треба да примаат соодветни терапии или да се отстранат од производен процес“, изјави Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство констатирале дека и објектот во кој била приготвувана храната не бил регистриран во Агенцијата, за да можат во него да се вршат редовни контроли.
Кујната од приватната фирма каде што се подготвувала храната за работниците е затворена и на сопственикот му е наложено да направи целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на објектот. Не работи ниту фабриката „Леар“.
Поднесена е прекршочна пријава против сопствениците на кујната, а најверојанто ќе биде поднесена и кривична пријава. Со конечна одлука по добиените резултати треба да се произнесе јавното обвинителство.
Пред два дена, во тетовската фабрика „Леар“ околу 200 работници се пожалиле на дијареа и стомачни тегоби по оброкот од макарони со сос од мелено месо. Сите затруени се пуштени на домашно лекување, откако им беше дадена лекарска помош во тетовската и во гостиварската болница.
Андријана Атанасовска
