Средба Иванов- Туск, во фокус политичката состојба и мигрантската криза
Продолжената криза ја блокира интеграцијата, кога ќе пронајдете решение ќе добиете целосна поддршка- порака од Туск. Иванов побарал Унијата со конкретен потег да го отвори патот за земјава.

Средба меѓу претседателот Иванов и првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск. Разговарале за актуелната политичка состојба во државава и за мигрантската криза. Гостинот од Брисел вели дека продолжената криза ја блокира интеграцијата и тврди дека кога има решение ќе има и целосна поддршка.
„Оваа долготрајна криза ја успорува вашата држава на евро-атлантскиот пат. На вас е да најдете решение засновано на демократски начела, пристојност и здрав разум. Само таквото решение може да биде трајно. Кога ќе најдете такво решение, можете да сметате на нашата поддршка“, истакна Туск.
Уценета Влада е нестабилна Влада со краток рок на траење и штетни последици, рече претседателот Иванов. Потсети и дека Европската Унија е гарант на само два договори – Охридскиот рамковен договор и Договорот од 2015 година.
„Оттука, императив за партиските лидери треба да биде спроведување на итните реформски приоритети. Прва точка на дневниот ред на партиите и пратениците треба да бидат европските реформи, а не спроведување на постизборна платформа креирана во туѓи држави“, нагласи претседателот Иванов.
Иванов побарал Унијата со конкретен потег да го отвори патот за земјава. Рекол дека Македонија како досега така и во иднина ќе дејстува за заштита на својата национална безбедност и сигурноста на своите граѓани, но ќе остане и чувар на портите на Европа.
„Република Македонија како и досега, и во инднина ќе дејствува за заштита на својата национална безбедност и сигуност на своите граѓани. Но, истовремено Македонија е чувар на портите на Европа и повеќе од 19 месеци врши контрола на преминот за влез во најбрзиот мигрантски коридор што води кон Европа. Мојата порака до ЕУ е јасна- помогнете ни за да ви помогнеме, помагајќи и на Македонија, си помагате себе си“, рече Иванов.
Туск го нагласи придонесот на Македонија во справувањето со бранот бегалци и изрази уверување дека соработката ќе продолжи и дека Балканката рута ќе остане затворена.
Сакаме да се осигураме дека ваквата заемна соработка ќе продолжи и во иднина. Остануваме подготвени да излеземе во пресрет на вашите потреби на теренот, без оглед дали станува збор за хуманитарна поддршка за локалните заедници или во форма на опрема, или човечки ресурси, и преку граничната полиција на ЕУ, нагласи Туск.
