Елизабета Канческа – Милевска во Велс

10.02.2014 11:36

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска престојува во еднодневна работна посета на Кардиф, Велс, Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, каде што ќе оствари средба со министерот за култура и спорт на Велс, Џон Грифитс.

На средбата министрите ќе разговараат за продлабочување на соработката во областа на културата, а ќе бидат разменети мислења, искуства и знаења за културните политики во двете држави и нивното спроведување. Исто така, ќе бидат разгледани и можностите за континуирано унапредување на соработката во сите сфери од културата.

Канческа-Милевска, за време на престојот во Велс, ќе ги посети: Националниот музеј на Велс, организацијата „Велс Арт интернационал“ и Велшкиот кралскиот колеџ за музика и драма и ќе оствари средби на кои ќе биде разгледана можноста за соработка и мобилност на уметниците од двете држави.

Република Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска имаат традиционално добри односи во областа на културата што е потврдено и преку реализацијата на значајни проекти кои придонесуваат за продлабочување на соработката меѓу двете земји.