Киргистанец со руско државјанство одговорен за нападот во Санкт Петербург
Напаѓачот кој усмрти 11 луѓе во метрото во Санкт Петербург бил Киргистанец со руско државјанство. Во родниот град на претседателот Путин е прогласена тридневна жалост.

Акбаржон Џалилов, Киргистанец со руско државјанство, е напаѓачот кој усмрти 11 луѓе во метрото во Санкт Петербург. Според безбедносната агенција на Киргистан, тој бил роден во Ош во 1995 година. Најмалку 45 цивили завршија со повреди откако експлодираше бомба меѓу две станици на подземната железница во вториот по големина град во Русија.
„Излегов од станицата, видов чад, сите трчаа, беа во паника, плачеа.“
„Дојдов лично да се уверам дека затворањето на метрото не создаде хаос во јавнсота. Луѓето се многу организирани“, велат сведоци на нападот.
Во периодот кога се случи нападот, рускиот претседател Владимир Путин беше во Санкт Петербург, неговиот роден град, каде што властите прогласија тридневна жалост. Ниедна терористичка група засега не презеде одговорност.
Светските лидери изразија поддршка за Русија.
„Нема толеранција за тероризмот. Јапонија е со претседателот Путин и народот на Русија во овие тешки времиња“, изјави Шинѕо Абе, премиер на Јапонија.
За германската канцеларка Ангела Меркел, ова е варварски чин, а за американскиот претседател Доналд Трамп, тероризмот мора што поскоро да биде целосно поразен.
Среќа во несреќа била одлуката на возачот да продолжи до наредната постојка, што спасило многу животи. Националниот комитет за антитероризам соопшти дека експлозијата била предизвикана од неидентификувана експлозивна направа. Пронајден е уште еден уред на друга станица, па властите се сомневаат на координиран напад.
Медиумите известуваат дека напаѓачот загинал во експлозијата, а неговите останки помогнале во процедурата за идентификација. Но портпаролот на Путин не коментира дали бомбашот-самоубиец е виновен за масакрот.
Над 2 милиони патници дневно ја користат подземната железница на Санкт Петербург.
Напад врз јавниот превоз во Русија се случи и во 2010 година кога загинаа 38 луѓе во двоен бомбашки-самоубистсвен напад во московското метро. Година подоцна, бомба експлодираше во експрес-воз кој патувал на релација Москва-Санкт Петербург, убивајќи 27, и повредувајќи 130 патници. Исламистичките групи презедоа одговорност и за двата напади.
Маја Филдишев
