Санкт Петербург: Затворено метрото, се стравува од нов напад

04.04.2017 12:02

Метрото „Сенаја Плошчад“ во Санкт Петербург е затворено по анонимен телефонски повик со кој се предупредува на нов можен напад. Вчера во експлозија во родниот град на претседателот Путин загинаа 14 луѓе. Прогласена е тридневна жалост.

Акбаржон Џалилов, Киргистанец со руско државјанство, е осомничениот напаѓач кој усмрти 14 луѓе во метрото во Санкт Петербург. Според безбедносната агенција на Киргистан, тој бил роден во Ош во 1995 година. Најмалку 51 цивил заврши со повреди откако експлодираше бомба меѓу две станици на подземната железница во вториот по големина град во Русија. 

„Експлозивот бил наполнет со микроелементи, мали метални парчиња кои ги извадивме во текот на операцијата. Сите пациенти имаат скршени коски, повредени органи, ампутации, а некои се и со изгореници“, изјави Вероника Сквортсова, министерка за здравство.

„Никој од моите блиски не настрада, но сите сме некако поблиски по нападот. Мора да сме силни, но и хумани во вакви моменти.“

„За жал, никој не е заштитен од ова. Може да се повтори“, велат жители на градот.

Во периодот кога се случи нападот, рускиот претседател Владимир Путин беше во Санкт Петербург, неговиот роден град, каде што властите прогласија тридневна жалост. Ниедна терористичка група засега не презеде одговорност.

Светските лидери иизразија поддршка за Русија.

„Нема толеранција за тероризмот. Јапонија е со претседателот Путин и народот на Русија во овие тешки времиња“, изјави јапонскиот премиер Шинѕо Абе.

За германската канцеларка Ангела Меркел, ова е варварски чин, а за американскиот претседател Доналд Трамп, тероризмот мора што поскоро да биде целосно поразен.

Среќа во несреќа била одлуката на возачот да продолжи до наредната постојка, што спасило многу животи. Националниот комитет за антитероризам соопшти дека експлозијата била предизвикана од неидентификувана експлозивна направа. Пронајден е уште еден уред на друга станица, па властите се сомневаат на координиран напад.

Над два милиони патници дневно ја користат подземната железница на Санкт Петербург.

Напад врз јавниот превоз во Русија се случи и во 2010 година кога загинаа 38 луѓе во двоен бомбашки-самоубистсвен напад во московското метро. Година подоцна, бомба експлодираше во експрес-воз кој патувал на релација Москва-Санкт Петербург, убивајќи 27, и повредувајќи 130 патници. Исламистичките групи презедоа одговорност и за двата напади.

Маја Филдишев