Ден на НАТО

Јолевски: АРМ- компатибилна со највисоките стандарди на НАТО

04.04.2017 14:12

Одбележување на Денот на НАТО. Настанот традиционално се организира во сите земји-членки на Алијансата, како и во земјите- партнери. Целта е промоција на историјата, вредностите и целите на Алијансата, како и истакнување на значењето на евроатлантските интеграции на Македонија.

Македонската Армија е подготвена во секое време да ги исполни уставните функции, затоа што е професионална, ефикасна и компатибилна со највисоките стандарди на НАТО, изјави министерот Јолевски на 68 годишнината од формирањето на Алијансата. Тероризмот, илегалната миграција, хибридната војна, бараат конкретна стратегиска рамка за справување со овие закани. 316 милиони евра, рече министерот, во наредните 12 години ќе бидат инвестирани во модернизација на опремата на Армијата.

„Во тек е набавка на нова опрема во согласност со НАТО-стандардите за припадниците на Полкот за специјални операции, а процесот на ремонт на хеликоптерите е отпочнат и се движи согласно зацртаната динамика. Во буџетот, 20% од средствата за одбраната оваа година се наменети за модернизација“, истакна министерот Јолевски.

Минатата година беше донесена одлука во Скопје да бидат седиштата на Командата на СИБРИГ и на Балканските наменски медицински сили. Воената академија доби регионален карактер– скоро 1/3 од запишаните питомци доаѓаат од земјите од регионот.

„Ние како Атлантисти, каде и да сме, без разлика на кои етникуми и партии припаѓаме, мораме да направиме се за да ги афирмираме евроатласките вредности, затоа што тоа е просперитетот на нашите граѓани и на нашата држава“, рече Исмет Рамадани, претседател на Евро-атлантскиот совет на Р. Македонија.

Почнувајќи од 2002-та година нашата земја во мировни мисии има распоредено повеќе од 3.800 лица воен персонал, што е околу 50% од капацитетите на копнената структура на Армијата.

 

Анита Димитријевска