Нападот во Санкт Петербург извршен од бомбаш- самоубиец

04.04.2017 14:47

Нападот во Санкт Петеребург веројатно бил извршен од бомбаш- самоубиец, соопшти Истражниот комитет на Русија. Претходно Киргистанските служби за безбедност го идентификуваа напаѓачот како Акбаржон Џалилов од Киргистан. Во родниот град на претседателот Путин е прогласена тридневна жалост.

Рускиот Истражен комитет соопшти дека нападот во метрото во Санкт Петербург, во кој загинаа 14 лица е извршен од бомбаш- самоубиец чиишто посмртни останки се пронајдени во третиот вагон на возот во метрото. Идентитетот на мажот кој веројатно ја детонирал бомбата е утврден, но не се објавува поради интерес на истрагата. Во експлозијата што се случи меѓу две станици на подземната железница во вториот по големина град во Русија без повредени над 50 лица.

„Експлозивот бил наполнет со микроелементи, мали метални парчиња кои ги извадивме во текот на операцијата. Сите пациенти имаат скршени коски, повредени органи, ампутации, а некои се и со изгореници“, изјави Вероника Сквортсова, министерка за здравство.

„Никој од моите блиски не настрада, но сите сме некако поблиски по нападот. Мора да сме силни, но и хумани во вакви моменти.“

„За жал, никој не е заштитен од ова. Може да се повтори“, велат жители на градот.

Во периодот кога се случи нападот, рускиот претседател Владимир Путин беше во Санкт Петербург, неговиот роден град, каде што властите прогласија тридневна жалост. Ниедна терористичка група засега не презеде одговорност.

Светските лидери изразија поддршка за Русија.

„Нема толеранција за тероризмот. Јапонија е со претседателот Путин и народот на Русија во овие тешки времиња“, изјави јапонскиот премиер Шинѕо Абе.

Среќа во несреќа била одлуката на возачот да продолжи до наредната постојка, што спасило многу животи.

Напад врз јавниот превоз во Русија се случи и во 2010 година кога загинаа 38 луѓе во двоен бомбашки-самоубистсвен напад во московското метро. Година подоцна, бомба експлодираше во експрес-воз кој патувал на релација Москва- Санкт Петербург, убивајќи 27, и повредувајќи 130 патници. Исламистичките групи презедоа одговорност и за двата напади.

Маја Филдишев