Хајден: Тероризмот и компјутерските напади ќе бидат најголемите безбедносни закани

05.04.2017 10:38

Мораме да бидеме подготвени за најголемите тектонски промени што ќе му се случат на светот во иднина, тероризмот и компјутерските напади. Ова е прогнозата на поранешниот директор на ЦИА и американското воено разузнавање Мајкл Хајден. Со поразот на Исламската држава нема да запрат овие напади во Европа и во Америка.

Тероризмот и компјутерските напади ќе бидат најголемите безбедносни закани во светот во иднина. И по поразот, Исламската држава ќе продолжи да регрутира и извршува терористички напади во Европа и во Америка, оценува поранешниот директор на ЦИА и на военото разузнавање, генерал Мајкл Хајден.

„Ќе ја поразиме Исламската држава и структура, но движењето ИДИЛ ќе продолжи. Физички најверојатно ИДИЛ ќе биде поразен на терен во наредните3-6 месеци, но тие ќе продолжат да регрутираат и инспирираат напади во Европа и во Америка“, изјави Мајкл Хајден- поранешен директор на ЦИА и на Националната безбедносна агенција.

На Блискиот Исток се случува судир на цивилизации и граѓански војни во поранешни колонијални држави. Завземањето на Мосул и Рака е чекор кон стабилизација на регионот, но потребни се локални стабилни влади за да мирот биде одржлив и за да нема бегалски кризи, оценува генерал Хајден.

„Кога ќе ги повлечеме нашите сили како нација, бидејќи ќе претпоставиме дека сме создадале привремен безбедносен регион, повторно ќе направиме грешка зошто нема целосно да ги решиме проблемите“, смета Хајден.

До крајот на мандатот на претседателот Доналд Трамп, Северна Кореја ќе може да го нападне Сиетл на американскиот западен брег со нуклеарни проектили, прогнозира Хајден додавајќи дека ќе се зголеми опасноста од нуклеарни држави како Северна Кореја и Иран. Компјутерските напади ќе бидат вторите техтонски промени со кои светот масовно ќе се соочува во иднина.

Поголема заштита од компјутерски напади ќе нудат приватните компании наместо владите.

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ