Депресија- болест на модерното време
Сѐ поголем број граѓани живеат со депресија. Во Македонија, 800- ни граѓани се лекувале од оваа болест. Според психијатрите, мал процент од здравствениот буџет се издвојува за одржување на менталното здравје.

Милиони луѓе во светот запаѓаат во депресија, болеста на модерното време. Не се имуни ниту жителите на земјава. Лекарите велат- во изминативе пет години, бројот на пациентите кои се лекуваат во психијатриски болници е зголемен за речиси 40 проценти, достигнал околу 800 граѓани годишно. Дополнителен проблем е што многу болни поради стигмата не бараат лекарска помош, ниту земаат терапија- велат психијатрите. Освен генетските предиспозиции, за појавата на депресијата влијаат и стресот, животните проблеми, непријатни искуства.
„Треба да се свртиме кон поубавите работи треба да внимаваме на нашето ментално здравје бидејќи тонеме во нешто што се нарекува хроничен стрес, а тој влијае на нашиот мозок на нашите нерви. После сообраќаните несреќи таа е втора причина за смрт во светот кај возрасната група од 15 до 29 години“, изјави проф. д-р Антони Новотни, директор на Клиниката за психијатрија.
Депресијата ја намалува способноста за извршување на секојдневните задачи кај луѓето. Последиците можат да бидат и катастрофални, болеста да доведе до самоубиство. Луѓето кои имаат симптоми на депресија треба да избегнуваат негативни ситуации и да побараат лекарска помош– велат надлежните.
„Колку подобро разбереме што е депресија и како таа може да се третира, толку се поголеми шансите за намалување на стигмата и можностите што поголем број луѓе да побараат помош“, вели Шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравје.
„Се препорачува да се почитува говорот на лицата за кои се сомневаме дека имаат некои знаци на депресија, тие треба да го прават она што ги прави среќни“, изјави Елена Ќосева, сектор за промоција на здравјето при Институтот за јавно здравје.
Повеќе од 80 проценти од луѓето кои живеат со депресија се од земјите со низок и среден животен стандард. На Светскиот ден на здравјето, вниманието е насочено на оваа болест.
Андријана Атанасовска
