Попоски: Недостатокот на јасна перспектива за евроинтеграција- причина за кризата

05.04.2017 16:53

„Недостигот на јасна перспектива за евроинтеграцискиот процес на Македонија – главна причина за длабоката политичка криза“. Ова бил еден од заклучоците на состанокот на Мешовититот комитет Македонија- Европска унија во Стразбур. Шефот на дипломатијата, Никола Попоски, вели дека ни е потребно враќање на европската перспектива. Тројката европратениците со писмена изјава- одолговлекувањата во Парламентот не се оправдани.

Недостатокот на јасна перспектива за евроинтеграција на земјава е дел од причините за длабоката политичка криза во која се наоѓаме. Вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски кој е на состанокот на делегацијата на Европскиот парламент во Мешовитиот парламентарен комитет во Стразбур, рече дека кредибилноста, земјава ќе ја врати единствено преку изнаоѓање решенија за состојбата.

„Денешната дискусија во европскиот парламент поврзана со извештајот за Република Македонија како и средбите со Парламентарниот комитет за соработка помеѓу Европскиот парламент и Собранието на Република Македонија најмногу се посветени на враќање на европската перспектива. Голем дел од причините за длабоката криза се сигурно поврзани со недостатокот на јасна персепектива за евроинтеграција на земјата. Со сигурност и решенијата кои треба да ги бараме во следниот период лежат во враќање на кредибилноста и отпочнување на преговорите за идно членство на Република Македонија во Европската Унија. Без тоа тешко би можеле да се надминат и тековните внатрешни и политички предизвици“, изјави вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски.

Не гледаме никакво оправдување за одолговлекувачките тактики што се користат во Собранието за одложување на изборот на нов спикер и за формирање влада, стои во заедничката писмена изјава на тројцата европратеници, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, по средбата со шефот на македонската дипломатија.

„Како членови на Европскиот парламент кои ги поддржаа сите напори за надминување на актуелната криза и кои работеа напорно за поддршка на европската перспектива на македонските граѓани, длабоко сме загрижени за неоправданото пролонгирање на кризата и за порастот на последици за земјата, вклучувајќи го и влошувањето на меѓуетничките односи“- стои во заедничката изјава на европратениците.

Во заедничката изјава стои дека тројцата пратеници силно веруваат оти ситуацијата во земјата може да се подобри преку спроведување демократски процеси кои треба да доведат до надминување на политичката криза.

 

Катерина Топалова