Нова авиолинија: Директен лет Скопје- Будмпешта
Воспоставена е нова авиолинија. Два пати неделно ќе се лета од Скопје до Будимпешта, во среда и во недела. Надлежните очекуваат да придонесе кон дополнителен развој на туризмот, но и за посилни бизнис- врски меѓу Македонија и Унгарија.

Два пати неделно директен лет од Скопје до Будмпешта. Новата авиолинија со нискобуџетската Виз Ер е субвенционирана од Унгарската влада. Со евтини авиобилети од „Александар Велики“ побарувана, нејзината реализација се чекаше речиси пет години. Зголемен број туристи, посилни деловни врски, побрзи патувања. Рутата ја отвора вратата кон 61 европска дестинација.
„Политичките, економските и туристичките односи меѓу Македонија и Унгарија се на високо ниво и се надеваме дека оваа директна авиолинија ќе не зближи уште повеќе. Ги повикувам сите да ја посетат Будимпешта, еден од најубавите градови во Европа, но ги охрабрувам и Унгарците да ја посетат Македонија. Да се зголеми бројот на странски туристи“, вели Ласло Иштван Дукс, амбасадор на Унгарија во Македонија.
За само два месеци услугите на двата аеродроми ги користеле речиси 240 илјади луѓе , раст за скоро 10 проценти споредбено со истиот период лани. Во 2016-та биле регистрирани над милион и осумстотини илјади патници, реализирани повеќе од 16.880 летови.
„Виз Ер воведе уште три нови дестинации од средината на јули. Летот од Катар ќе стартува од Доха, Еуровингс ќе стартува од главниот Минхенски аеродром кон крајот на октомври. Во 2017-та ќе се развива нашиот авиосообраќај својствено на минатата година, кога имавме милион и осумстотини патници на аеродромите во Скопје и Охрид. Очекуваме два милиони во 2017-та. Наша наредна цел е да ја имаме оваа бројка само на Скопскиот „Александар Велики“. Работиме напорно“, посочи Алпер Ерсој,генерален директор на ТАВ Македонија.
Виз Ер оперира кон 29 дестинации, ја поврзува државава со 13 држави. Почна да воведува и нови линии надвор од државните субвенции.
„Пред 2015-та имавме само 17 дестинации сега имаме над 37 дестинации и можности сите граѓани да патуваат низ светот, многу е битно што и Виз Ер го зголемува бројот на летови и тоа без да бара финансиска подршка од Владата и Министерството за транспорт и врски“- изјави Владо Мисајловски, министер за транспорт и врски.
Истанбул е најфрекфентна дестинација, но голем број патници има и кон релациите Цирих, Виена и Базел.
Сузана Фиданска- Стоевска
