Европратениците загрижени за ситуацијата во Македонија

06.04.2017 10:22

Европскиот парламент доцна синоќа во Стразбур на пленарна сесија го разгледа извештајот за напредокот на Македонија во 2016-та година, подготвен од известувачот Иво Вајгл. Европратениците загрижени за ситуацијата во Македонија. Говорниците апелираа да се деблокираат процесите за конституирање на Собранието и за формирање Влада. Резолуцијата за Македонија треба да се гласа на сесијата на Европскиот парламент во мај.

Дебатата по извештајот за напредокот на Македонија во 2016-та година, подготвен од известувачот Иво Вајгл започна доцна вчера вечер во Европскиот парламент.

Преставникот на малтешкото претседателство, Јан Борг кој настапи во име на Советот на ЕУ, оцени дека „Македонија страда од поларизација и култура на поделби“, а системски мани се регистрираат во судскиот систем, човековите права и борбата против корупцијата. 

Борг уште еднаш ја потенцираше големата загриженост поради тоа што сѐ уште нема влада во Македонија.

„Очекуваме прв приоритет на владата да бидат реформите во корист на земјата и граѓаните и враќање на земјата на европскиот пат“, рече Борг и на крајот ја поздрави улогата на граѓанското општество во земјата и порача дека новата влада ќе мора целосно да ги реализира сите обврски од Рамковниот договор. 

Невен Мимица, еврокомесар за меѓународна соработка и развој ги повика политичките фактори да ги почитуваат резултатите од изборите, претседателот Иванов да дозволи да се формира владата, а политичките партии да престанат да долеваат оган на меѓуетничките односи.

„Парламентот не може да биде формиран поради систематски опструкции на ВМРО-ДПМНЕ и однесувањето на претседателот Ѓорге Иванов. Неговото однесување беше критикувано од ЕУ, САД и НАТО. Позицијата на Иванов само ја открива неговата партизираност“, рече известувачот Иво Вајгл во воведното обраќање. 

Вајгл притоа им се обрати на соседите што се мешаат во внатрешните работи на Македонија во време кога состојбата во неа е толку проблематична и комплицирана, во што можеа да се препознаат албанските политичари и грчките европарламентарци.

„Не треба да ја правите ситуацијата уште потешка со мешање во внатрешните работи. Македонија се соочува со големи предизвици на патот кон ЕУ. Сепак, лично очекувам дека ќе дојде крајот на кризата, дека владата ќе се формира и дека ќе се обнови нормалното функционирање на Парламентот“, порача Вајгл додавајќи дека никој не треба да се чувствува после тоа како губитник во националниот проект.

Маријана Петрит, хрватската европарламентарка, ги обвини САД и Албанија за мешање во политичката ситуација во земјата и им даде политичка легитимација на протестите што против Тиранската платформа се случуваат во Скопје.

Кнут Фленкештајн порача дека е лошо да се држи цела земја заложник затоа што не се оствариле очекувањата на една партија за останување на власт.

На крајот од дебатата предупредувањето дојде од Невен Мимица:

Влада мора да се формира. Но, тој процес е во рацете на претседателот и на локалните политички лидери. Само тие можат да ја вратат Македонија на патот на евроинтеграцијата“, порача еврокомесарот Невен Мимица.

Гласањето за резолуцијата изработена од Иво Вајгл и која ја доби поддршката од европратениците, Советот и Комисијата на ЕУ во едночасовната дебата, предвидено е да се гласа на првата сесија на Европскиот парламент во мај.

 

Тони Гламчевски, постојан дописник од Стразбур за МРТ