Светска банка: Македонската економија со забавен раст поради политичката криза
Во извештајот се наведува дека растот значително забави како последица на намалените инвестиции кои беа погодени од политичката криза, а главен двигател на растот беше финалната потрошувачка, поткрепена од подобрувањето на пазарот на трудот и повисоките плати, како и трансфери од јавниот сектор.

Поради влијанието на политичката криза економскиот раст во Македонија лани забави на 2,4 насто, додека за годинава се очекува реалниот бруто домашен производ да порасне за 2,8 насто, соопшти Светска банка во редовниот економски извештај за земјите од Западниот Балкан.
Во извештајот се наведува дека растот значително забави како последица на намалените инвестиции кои беа погодени од политичката криза, а главен двигател на растот беше финалната потрошувачка, поткрепена од подобрувањето на пазарот на трудот и повисоките плати, како и трансфери од јавниот сектор.
Долгот на Македонија се зголеми, што е загрижувачко, но не толку како во некои други земји во регионот и не е на ниво кое би укажало на некаква криза или проблем во сервисирањето, рече Елен Голдстин, регионален директор на Светска банка за Западен Балкан, која додаде дека земјата треба да се фокусира на намалување на тековните трошења на сметка на зголемени инвестиции и забавување на растот на задолжувањето.
Во регионалниот извештај се наведува дека земјите од Западен Балкан растат со побрз чекор отколку во 2015 година, со тоа што регионалниот раст е предвиден на 2,8 проценти во 2016 година, односно 3,2 проценти во 2017 година.
Од земјите во регионот за 2016 година растот е највисок во Косово 3,6 проценти, 3,2 во Албанија, 2,28 во БиХ и Србија и 2,1 отсто во Црна Гора. За 2017 година се предвидува растот да се движи од 3,9 во Косово, 3,5 во Албанија, 3,3 во Црна Гора, 3,2 во БиХ и 3 проценти во Србија. За 2018 година највисок раст од 4,2 проценти треба да има во Косово, 3,7 во биХ, 3,5 во Албанија и Србија и 3 проценти во Црна Гора.
