Конститутивната седница заглави во деловникот и процедурата

06.04.2017 14:54

На продолжението од конститутивната седница, расправата заглави кај толкувањето на деловникот. Додека СДСМ бара да престане расправата за избор на членови на Комисијата за избор и именувања, и веднаш да се премине на избор на претседател на Собранието, претседавачот Трајко Вељаноски и ВМРО-ДПМНЕ укажуваат дека така би се прекршил Деловникот.

Заглавени во деловникот и процедурата, пратениците секој со своето толкување на деловникот откако Социјалдемократите преку Оливер Спасовски побараа прекин на расправата по точката за избор на членовите на Комисијата за избори и именувања и почеток на дискусија по следната точка избор на собраниски претседател.

„Очигледно е дека оваа расправа не води никади и дека се користи за одолговлекување на процесот и за блокада на Собранието, неформирање на институциите на системот“, рече Спасовски.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, но и претседавачот Вељаноски сметаат дека таквото барање е кршење на деловникот.

„Не може во текот на самата точка на дневниот ред, да се скока на друга точка“, рече Вељаноски.

„Член 79, став 1 вели дека Собранието не може да расправа по прашања за кои матичното работно тело и Законодавно- правната комисија не зазеле став. По четвртата точка матично тело е Комисијата за избори и именување“, вели Димовски.

На моменти со високи тонови и дофрлања од место, но и навреди. Вељаноски дури даде пауза за смирување.

„Стасавме до онаа најопасната точка во која што се игра со оган. Циркузантите започнуваат да играат со оган, а тоа е најризичното нешто во циркузот“, рече Стевананџија.

„Како 18-годишник бев осуден на 12 години затвор. Одлежав осум и пол. Учесник сум во две војни. Со закани, со оган- кај мене не поминува“, изјави Адеми.

Конститутивната седница за избор на членови на Комисијата за избори и именувања и претседател на Собранието продолжува.

Миле Ристески