Нови инциденти на три локации во Русија

06.04.2017 14:58

Во Астрахан се ликвидирани исламисти. Во Ростов на Дом е повреден бездомник, а во Санкт Петербург, при рација на стан е пронајден експлозив и се уапсени соработници на терористичките мрежи.

Руската полиција усмрти четворица мажи осомничени за убиство на двајца сообраќајци и напад врз припадник на Националната гарда во Астрахан, јужна Русија. Радикалните исламисти пукале во припадниците на безбедносните сили, кои се обиделе да го запрат нивното возило.

„Во истрагата за првиот напад, четворица осомничени беа идентификувани и ставени на списокот на барани лица. Националата гарда го лоцираше нивното возило и за време на потерата, успеале да се скријат во индустриски објект. Кога беа повикани да се предадат, отворија оган кон полицијата. Националната гарда ги ликвиидираше, а тројца гардисти се повредени. Еден од нив е во критична состојба“, изјави Светлана Петренко, полициски портпарол.

Во меѓувреме, во пристанишниот град Ростов на Дон, беше повреден бездомник кој наишол на сомнителен предмет, кој откако се детонирал, му ги откинал прстите на раката, а повреден е и во стомакот. Инцидентот се случил во близина на училиште.

„Мажот нашол чанта со рачна ламба внатре. Кога ја вклучил, одекнала експлозија. Трчаше и бараше помош. Го слушнав и него, а и бомбата“, вели очевидец.

Пред неколку дена, во Санкт Петербург загинаа 14 луѓе откако бомбаш-самоубиец извшри напад меѓу две станици на подземната железница. Полицијата најде експлозивен уред во стан во вториот по големина град во Русија и уапси тројца осомничени. Главниот осомничен, Киргистанецот Акбаржон Џалилов, загина во метрото. Во тек е истрага за можна поврзаност меѓу него и тројцата уапсени. Истражниот комитет на Русија не ги коментира апсењата, но утврдил дека неколкумина граѓани од централна Азија комуницирале со Џалилов.

Маја Филдишев