Македонија годинава со раст на БДП од 2,8%
Поради влијанието на политичката криза, економскиот раст во Македонија лани забави на 2,4 насто, за годинава се очекува реалниот бруто домашен производ да порасне за 2,8 насто, соопшти Светска банка во редовниот економски извештај. Главен двигател на растот останува градежништвото, придвижувано од јавните инвестиции во патната инфраструктура.

Поради продолженото влијание на политичката криза економскиот раст на земјава годинава ќе биде понизок од просекот на шесте земји на Западен Балкан,се вели во редовниот економски извештај на Светска банка за регионот. За годинава еконимијата ќе се придвижи за 2,8 насто, а за в година растот на БДП ќе достигне 3,3 вели Бојан Шимбов економист во Светска банка.
„За разлика од претходните години кога Македонија имаше една од највисоките стапки на раст во регионот годинава Македонија е во долниот дел на табелата, така да кажеме,и има една од пониските стапки на раст во регионот.Намалувањето на растот е главно последица од намалувањето на инвестициите кои беа погодени од политичката криза.А во однос на двигателите на растот и годинава како и лани главен двигател на растот остана градежништвото, посебно поддржано од јавните инвестиции во патната инфраструктура“, изјави Бојан Шимбов, економист на Светска банка за Македонија.
Јавните инвестиции претставуваат 60 до 70% од вкупно завршените градежни работи и доколку се одземат би добиле раст под 1 насто, појаснува Шимбов. Активните мерки во делот на пазарот на труд предизвикаа намалување на стапката на невработеност и тие влијаеле на 80% од вкупно креираните работни места. Има позитивни ефекти особено кај одредени групи, како што се младите и подолго време невработените лица, но и негативности пред се поради намалените приходи во Пензискиот фонд.Светска банка очекува до средината на годината да се разреши политичката криза и на Македонија и препорачува: фискална консолидација, подобрување на ефикасноста на трошењата, продуктивноста на трудот, како и квалитетот на работната сила. Македонија да се фокусира кон намалување на тековните трошења за сметка на зголемување на инвестициската потрошувачка,како и забавување на задолжувањето.
„Долгот на Македонија се зголеми и тоа претставува загрижување, меѓутоа секако не е толку висок како што е во многу други земји во овој регион. И не е воопшто на ниво кое што би укажало на некаква си криза или проблем во сервисирањето на тој долг“, изјави Елен Голдстин, регионален директор на Светска банка за регионот на Западен Балкан.
Од земјите во регионот на западен Балкан најголем раст се очекува од Косово и од Албанија, 3,9 односно 3,5%. Реформи најинтензивно спроведувале Србија и Албанија. Светска банка препорачува земјите од регионот да ги забрзаат структурните реформи доколку сакаат да останат атрактивни за странските инвеститори.
Свето Николовски
