Нова германска инвестиција во тетовско

06.04.2017 15:27

Германската компанија „Франц Кил“ ќе отвори фабрика во тетовско Желино. Инвестицијата е вредна околу 7 милиони евра. За почеток ќе се отворат 60 работни места. Браунфилд инвестицијата ќе почне да работи од 1-ви јуни. Компанијата ќе произведува седишта за автомобилската индустрија и други делови за железницата.

Нова инвестиција во тетовскиот регион. Германската компанија „Франц Кил“ донесе одлука да вложи 7 милиони евра. Нивниот план првично предвидува браунфилд инвестиција во Желино со 60 работници. Ќе оперираат како добавувач за белгиската „Ван Хул“. Потоа е предвидено вкупниот број на вработени да достигне 350, а компанијата да продолжи да произведува и извезува во Европа, Азија и Америка.

„Меѓу нашите најголеми клиенти за автобусите се Ван Хол, ВДЛ, Ивеко, испорачуваме и во Мерцедес Бенц. Имаме договори за испорачување и на амеиканскиот пазар, значи од овде ќе испорачуваме за локации на Ван Хол. Вработени се околу 1.200 луѓе на повеќе локации- Германија, Турција, САД, Шпанија, Италија, а во последниве 20 години имаме меѓународна страгетија за следење на нашите клиенти на пазарот. Полска и Турција беа силни, а сега се отвора и голема можност овде во Македонија“, изајви Герхард Хелвек, извршен директор на компанијата.

Компанијата се занимава со производство на седишта за автомобилската индустрија и други делови за железница. Предвидено е браунфилд инвестицијата да почне да работи од 1-ви јуни годинава. Објектот е веќе подготвен, се обучува менаџментот, потоа и работниците. Од германската компанија оценуваат дека земјава е економски стабилна, а долгорочно сметаат и на добро едуциран кадар.

„Првите контакти со компанијата, со помош на Ван Хол беа кон крајот на 2015-та година. Компанијата беше избрана за добавувач на Ван Хол за седишта за автобуси за американскиот пазар, а истовремено компанијата одлучи да инвесира во Македонија. Врз основа на нивните идни планови и можноста за проширување на фабриката, во Македонија ќе се произведува целото седиште“, изјави Виктор Мизо.

Според првиот човек на слободните зони, Виктор Мизо, ваквите инвестиции се дополнителна придобивка од компаниите кои веќе инвестирале во Македонија.

 

Дијана Ценевска