САД истрелаа ракети врз сириска база
САД изведоа серија напади со проектили вода-земја врз воздухопловна база во Сирија. Американскиот претседател Трамп изјави дека тоа е реакција на хемискиот напад на диктаторот Ал Асад. Русија бара итна седница на Советот за безбедност на ОН. Осуда пристигна и од Иран.

Америка изведе ракетни удари врз воздушна база во Сирија како одговор на наводниот хемиски напад што се случи во Идлиб. До нападот дошло само неколку часа откако во четвртокот беше објавено дека Пентагон и Белата куќа разгледуваат воени опции како одговор на нападот во кој загинаа повеќе од 80 луѓе. Од бродови во Средоземното Море кон Сирија биле истрелани меѓу 50 и 60 проектили од типот „Томахавк“, а целта биле авиони, зони со нафтени и логистички складишта, бункери за муниција, и радари. Според Опсерваторијата за човекови права загинале најмалку четири лица, од кои еден офицер со висок ранг, а базата била целосно уништена.
Според официјален Пентагон, американците им дале сигнал на русите да го следат нападот, а наверојатно во погодената база имало и руски војници. Операцијата ја наредил американскиот претседател Трамп, кој истакнал дека е од витален интерес на САД да ја запре употребата и ширењето на смртоносното хемиско оружје.
„Сирискиот диктатор Башар Ал Асад изврши ужасен хемиски напад врз невини цивили, користејќи смртоносен нервен гас, при што ги задуши животите на беспомошни мажи, жени и деца. Ниту едно божјо дете не заслужува такво нешто. Наредив напад на воздушната база во Сирија од која почна хемискиот напад. Сите обиди да се смени однесувањето на Асад пропаднаа. Резултатот е продлабочување на бегалската криза и натамошна дестабилизација на регионот“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Трамп ги повика „сите цивилизирани држави“ да им се придружат на САД за да се стави крај на крвопролевањата во Сирија.
Сириската опозиција соопшти дека ракетните напади на се важна реакција што испраќа порака до Дамаск дека не може да дејствува неказнето. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека подготвува декларација за нападите. Оттаму велат дека по ракетните напади е доведено во прашање создавањето коалиција меѓу Русија и САД за сириската криза. Израел во меѓувреме изрази целосна поддршка за нападите на САД врз сириската база и ги оквалификува како „силна порака“ која треба да ја слушнат Иран и Северна Кореја.
Марина Автовска
