Иванов за ХТВ: Суштината на платформата од Тирана е да се смени уставното уредување на Македонија
Македонскиот претседател во телевизиското интервју ја образложува тиранската платформа и ги изнесува своите ставови за политичката состојба во земјата и можните решенија за излез од кризата.
Суштината на платформата е да се смени уставното уредување на Република Македонија. Тоа значи, Македонија од мултиетничко општество и унитарна држава да постане биетничка. За споредба би можеле да кажеме, Македонија да постане еден Кипар, само што Македонија не е остров, вели претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во интервју за емисијата „1 на 1“ на хрватската национална телевизија, ХТВ.
Македонскиот претседател во телевизиското интервју ја образложува тиранската платформа и ги изнесува своите ставови за политичката состојба во земјата и можните решенија за излез од кризата.
Во однос на платформата од Тирана, Иванов вели дека нејзината намера е албанскиот јазик да се изедначи со македонскиот и да се промени уставниот амандман кој произлегува од Охридскиот рамковен договор, согласно кој заедниците во Македонија своите права ги добиваат врз основа на нивната застапеност од 20 отсто во државата.
Запрашан како ги коментира заговорите за конфедерација на Македонија, Иванов одговара дека тоа е она што ги предизвика илјадници граѓани повеќе од месец дена да се на улиците. На прашањето како и дали ЕУ може да помогне во решавањето на политичката криза во Македонија, Иванов вели дека на министерскиот совет е отворено прашањето за платформата од Тирана, но тоа јавно не се соопштува. Не можат јавно да ја осудат, затоа што би настанале и проблеми за главниот актер, односно за Еди Рама. Во Албанија би било проблем кога тој би се повлекол од таа платформа. Така што состојбата е сега многу покомплексна отколку што беше претходно, изјави Претседателот.
На прашањето како гледа излез од политичката криза и дали нови избори би претставувале решение, македонскиот претседател вели дека состојбата на некој начин сега е блокирана, но и дека влијанието на надворешните актери е премногу силно.
