Светски ден на здравјето
ЈЗУ Здравствен дом на Скопје ќе постави пункт на плоштад Македонија за информирање на граѓаните за помош при депресија.

По повод Светскиот ден на здравјето - 7 април, што годинава е посветен на депресијата, Македонското лекарско друштво денеска организира свечен собир, а ЈЗУ Здравствен дом на Скопје ќе постави пункт на плоштад Македонија за информирање на граѓаните за помош при депресија.
На собирот ќе биде претставен пригоден реферат на тема „Депресија - ајде да разговараме“, како што гласи и годишното мото на Светската здравствена организација за Светскиот ден на здравјето. Најавено е обраќање на претседателот на МЛД, доц.д-р Горан Димитров и ќе бидат доделени и признанија од МЛД.
На пунктот, пак, граѓаните ќе можат да зборуваат со здравствени работници и да се информираат за причините и можните последици од депресијата, како да ги препознаат симптомите и каде можат да побараат помош. Семејството, пријателите и колегите исто така можат да се информираат како да им помогнат на лицата со депресија. Ќе бидат поделени и флаери со превентивни содржини за депресијата, изработени од Светска здравствена организација.
Според податоците на СЗО, 322 милиони луѓе или 4,4 проценти од светската популација на глобално ниво имаат депресија. Утврдено е дека депресијата е главна причина за 800.000 самоубиства на годишно ниво во светот и оти е втора водечка причина за смртност меѓу помладата популација.
