„Можни спорови во врска со искористувањето на ИПАРД фондовите“
Судии и советници од Вишиот управен суд, од Управниот суд, од одделите за трговски спорови и граѓанските оддели на судовите од сите апелациски подрачја, претставници на Државното правобранителство на РM и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, денеска учествуваат на советување по оваа тема.

Советувањето има за цел да се запознаат судиите со статусот и надлежноста на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, но и со легислативата на Европската унија и домашната хармонизирана легислатива во поглед на користењето на предпристапните фондови-ИПА, поконкретно петата компонената ИПАРД.
- Ова е значајно со цел да се пресретнат идните евентуални случаи и спорови кои што може да се јават при примена на овие прописи, бидејќи во праксата може да се јават и управни спорови, граѓански спорови, a кривична постапка може да се поведе и за злоупотреба на одобрените средства, истакна директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска.
Според директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Тони Димовски, соработката со Академијата е во насока на натамошно транспонирање на законодавството на ЕУ во Македонија.
- Станува збор за презентирање на нашите искуства како Агенција, но исто така и искуствата на судиите во насока на натамошно дорегулирање на оваа материја преку националното законодавство, во контекс на преземените обврски на Република Македонија преку спогодбите кои ги има склучено со ЕУ кои се однесуваат на регулирање на оваа материја, изјави Димовски.
Денеска беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој со што се потврдува заедничката заложба на двете институции да дадат свој придонес за зајакнување на капацитетите на македонското судство.
Извор: МИА