Вонредна состојба во Египет по нападот врз Коптите
Исламска држава презеде одговорност за експлозиите во Танта и во Александрија за време на христијанскиот празник Цветници.

Египетскиот претседател Абдул Фатах Ал-Сиси прогласи тримесечна вонредна состојба по самоубиствените-бомбашки напади во две коптски цркви во кои загинаа 44 луѓе. Мерката, воведена за да полицијата успее да апси и да врши претреси без налози, треба да биде одобрена од парламентот.
Исламска држава презеде одговорност за експлозиите во Танта и во Александрија за време на христијанскиот празник Цветници.
Во едно од соопштенијата на џихадистите се вели: „Крстоносците ни должат многу и долгот ќе го платат со реки крв од нивните деца. Чекајте нѐ зашто и ние ве чекаме вас“.
Во меѓувреме, претседателот нареди брзо распоредување на војската на целата територија на Египет.
